Како што стојат работите, Лука Јовиќ сигурно ќе ја промени средината летово.
Во понеделникот Фиорентина го објави списокот на играчи на кои смета за претстојниот плеј-оф за Конференциската лига на УЕФА против Рапид Виена, а медиумите во Италија веднаш забележаа неколку работи:
Клубот од Фиренца го регистрираше Софијан Амрабат, но не Лука Јовиќ , ниту Антонин Барак.
Познато е дека српскиот репрезентативец е на трансфер пазарот и остана надвор од групата за оваа фаза од турнирот.
Сепак, играчот од средниот ред Амрабат е вклучен во тимот, иако летово беше поврзуван и со други клубови, најчесто со премиерлигашите Манчестер Јунајтед и Ливерпул. Мароканскиот репрезентативец, исто како и Лука Јовиќ, остана на клупата за резервни играчи при саботната победа во Серија А на гостувањето кај Џенова (4:1).
Неодамна медиумите пишуваа дека Јовиќ би можел да се врати во Црвена звезда.
Првиот натпревар Виола го игра во Виена во четврток, реваншот е една недела подоцна на стадионот „Артемио Франки“. Победникот од овој двомеч ќе се пласира во групната фаза од натпреварувањето, во која Фиорентина минатата сезона стигна до финалето.
