Поранешниот бразилски репрезентативец Кака во иднина ќе стане тренер.
Светскиот шампион од 2002 година викендов беше на солидарниот меч во Лимеира, а на прес-конференцијата зборуваше за своите проекти за во иднина.
Во мај, Кака заврши курс за академија CBF и ја доби својата лиценца А, сертификат што го бара конфедерацијата за секој што има намера да тренира професионални тимови во Бразил.
„Намерата ми беше да го затворам циклусот на студии што ги посетувам со тренерска работа. Го завршувам четвртиот курс по спортски менаџмент. Би сакал да бидам и тренер. Го затворам тој циклус оваа година“, изјави Кака.
Поранешниот играч за врска на Милан и Реал Мадрид изјави дека сака да ужива на Светското првенство во Катар, а потоа следната година ќе почне посериозно да размислува за евентуален тренерски ангажман.
Се поголем број поранешни играчи се одлучуваат да се занимаваат со тренерска работа, а некои од нив веќе имаат големо искуство и успешно водат одредени тимови.
Кака за Бразил играше 92 пати и постигна 29 гола, а во кариерата покрај за Милан и Реал настапуваше и за својот матичен клуб Сао Паоло и Орландо Сити.