
Менаџерот на лондонскиот премиерлигаш Челзи, Маурицио Сари, не можеше да го сокрие бесот по саботниот дерби натпревар кој заврши со заслужен триумф на градскиот ривал Арсенал од 2:0. Гостинот од “Стемфорд Бриџ” делуваше немоќно во поголемиот дел од натпреварот, а италијанскиот стручњак вината за поразот ја лоцираше кај фудбалерите кои според него повеќе се фокусирани на својата иднина, отколку на клупските обврски.
- Многу сум лут затоа што овој пораз ќе има големо влијание кога е во прашање нашиот менталитет. Противничките фудбалери беа далеку поодлучни, а јас не можам да ја прифатам таквата констатација. Истото ни се случи и на дуелот против Тотенхем. Разговарав со моите играчи и мислев дека сме го решиле тој проблем. Би сакал сега да зборам за тактиката, но тешко е да се мотивира оваа група на играчи, изјави Сари.
Англиските медиуми открија дека ваквата порака на Сари била првенствено наменета за белгискиот интернационалец Еден Азар, кој е опседнат со трансферот во редовите на актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Реал (М), но и за репрезентативецот на Шпанија, Алваро Мората, кој сака својата кариера да ја продолжи во редовите на Атлетико (М).
Челзи и понатаму е четвртопласиран во англиската Премиер лига, но лондонските “сини” сега имаат само три бода повеќе од петопласираниот Арсенал и три бода повеќе од шестопласираниот Манчестер Јунајтед кој под водство на Оле Гунар Солскер забележа седум победи по ред.