ФУДБАЛ

Како Модриќ од најголемо „фиаско“, стигна до најдобар фудбалер на Светот?

Само неколку месеци по неговиот потпис со Реал Мадрид во 2012 година, во една анкета која ја спроведе тиражниот спортски шпански весник „Марка“, Лука Модриќ беше прогласен за најголемо „фиаско“ во преодниот рок во Шпанија.

Хрватот имаше лош почеток на „одисејата“ во Реал, па дури се шпекулираше дека неговата „авантура“ на Сантијаго Бернабеу ќе трае многу кратко, може и само шест месеци.

„Лука Модриќ не е тоа што се очекува од него. Засега не ги оправдува средствата“, напиша тогаш „Марка“, а дури 32% од анкетираните се сложиле дека Модриќ е „промашена инвестиција“.

Меѓутоа како одминуваше времето, кралскиот клуб ги трпеше критиките, но никако не се откажа од Модриќ. Шест години подоцна хрватскиот играч стана најдобриот во Светот по изборот на ФИФА. Член е на генерацијата на Реал Мадрид која успеа да освои дури четири титули во Лигата на шампионите.

На минатото СП, Модриќ со Хрватска играше во финалето и беше поразен од Франција, но ја доби наградата за најдобар играч на првенството.

Извор: ТВ21