Весли Снајдер, легендата на холандскиот фудбал, го критикуваше раководството на неговиот поранешен клуб Ајакс затоа што само капитенот Душан Тадиќ против Валвијк во натпреварот од 21. коло не носел лента со знамињата на Турција и Сирија, земји кои беа погодени од разорни земјотреси. Сите натпревари на холандските и другите првенства, минатиот викенд започнаа со минута молчење.
„Сите освен капитенот на Ајакс ја носеа капитенската лента за поддршка на преживеаните од земјотресот во Сирија и Турција. Многу убава иницијатива започна од мојот пријател Тарик Диварци од DHSC Утрехт. Тој ме замоли да го поддржам и јас го направив тоа“, рече 38- годишниот Снајдер во телевизиско шоу.
И познати пензионирани играчи на Ајакс го критикуваа актуелниот капитен на клубот. Енди ван дер Мејде, друг поранешен играч на Ајакс, рече:
„Ајакс е единствениот клуб што ја немаше капитенската лента, нели? Мислам дека тоа е посебен случај. Таков голем клуб треба да се вклучи во кампањата. Мора да покажете поддршка.Не разбирам зошто не го направија тоа“.
„Тоа беше одлука на раководството на клубот. Не знам зошто така одлучија, но треба да ги погледнеме капитените кои ја имаа лентата. Учествуваа 17 клубови, за што сме многу благодарни. Можеби има играчи во Ајакс кои сакаат да донираат дресови“, додаде Снајдер. осврнувајќи се на делот од кампањата во кој ќе се продаваат дресовите на играчите, а потоа парите ќе бидат донирани на хуманитарна агенција која ќе помогне во санирањето на последиците од земјотресот.
Душан Тадиќ одговараше на прозивките на познатите играчи на Ајакс. Капитенот на Ајакс и Србија на Твитер и Инстаграм напиша: „Земјотресите во Турција и Сирија длабоко ме шокираа. Моите мисли се со луѓето кои ги загубија своите најблиски во оваа трагедија и со сите погодени“.
