Барселона минатиот викенд ја победи Мајорка на домашен терен со 2-1 и уште повеќе се доближи до Лигата на шампионите.
Каталонскиот клуб е на чекор од обезбедување на пласман во Лигата на шампионите, што беше главната цел оваа сезона.
Сепак, и покрај тоа, јасно е дека Барселона ја нема најдобрата атмосфера во соблекувалната бидејќи се се разниша по неочекуваните порази кои каталонскиот клуб ги претрпе минатиот месец на својот стадион.
Чави има проблем и со некои играчи кои се незадоволни од статусот во тимот, а тоа особено се однесува на Адама Траоре.
Адама дојде од Вулверхемптон на позајмица до крајот на сезоната во јануари и одигра одлично на првите неколку натпревари, но потоа Чави реши да го пресели на клупата бидејќи им даде повеќе шанси на Усман Дембеле и Феран Торес.
Дембеле ја оправда довербата, но тоа не е случај со Торес. Сè ескалира по натпреварот против Мајорка кога Адама збесна што не одигра ниту една минута на тој меч.
Шпанските медиуми објавија дека Адама бил крајно лут по натпреварот и дека имал долг разговор со братот на Чави, Оскар, кој му е помошник.
Но, Адама наводно се скарал со него бидејќи барал објаснување зошто наеднаш го загубил местото во стартната постава што Оскар не можел да му го објасни. Очигледно ова многу го налути Чави и реши да реагира.
Каталонскиот спорт денеска објави дека Чави одлучил Адама да не остане и им порача на клупските челници дека нема потреба да го откупи неговиот договор од Вулверхемптон на крајот од сезоната.
Тоа значи дека Адама на лето ќе се врати во англискиот клуб, иако пред неколку месеци изгледаше како да живее вистинска бајка во Барселона. Но, сè му се промени преку ноќ.
Иако воопшто не е сигурно дали Дембеле ќе остане, јасно е дека Чави сепак се откажа од Адама и нема да толерира никакви изливи на гнев од своите играчи.