ФУДБАЛ

Ќерката на Луис Енрике почина во 2019 година на деветгодишна возраст, сега Шпанецот ѝ го посвети пехарот ЛШ

Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, синоќа стана седмиот менаџер кој ја освоил Лигата на шампионите со два различни клуба и вториот кој двапати ја освоил тројната круна покрај Пеп Гвардиола.

Неговиот ПСЖ го победи Интер со резултат од 5:0 и со тоа ја освои титулата европски шампион за прв пат во историјата, а по последниот свиреж на судијата, Енрике го смени дресот и го облече оној со посебен натпис во чест на неговата ќерка Ксана.

Таа почина во 2019 година на деветгодишна возраст од остеосарком, редок облик на рак на коските. На маицата тој го истакна логото на „Фондација Ксана“, фондацијата што семејството Енрике ја основа во нејзина чест. Потоа Енрике клекна на тревникот на Алијанц Арената и покажа кон името на Ксана, покажувајќи уште еднаш колку таа му значи. Патем, Шпанецот наговести пред финалето дека ако ја освои Лигата на шампионите, ќе ѝ оддаде почит на Ксана на посебен начин и се сети на заедничката фотографија од 2015 година кога ја прослави титулата со Барселона.