Иако не успеа како играч на „црвените“, Стивен Џерард има можност индиректно да му ја донесе англиската титула на Ливерпул на крајот од оваа сезона.
Имено, Џерард со својата Астон Вила не смее да загуби на „Етихад“ од Манчестер Сити, додека Ливерпул мора да ги победи „волците“ за да биде нов шампион.
Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп се стави на местото на Џерард и изјави дека тоа ќе му било дополнителна мотивација, но дека не контактирал со Стивен.
“Можам само да замислам како се чувствува Џерард ако се ставам на негова позиција. Ако одиграм натпревар кој би можел да му помогне на некој од моите поранешни клубови, Борусија или Мајнц, тоа би било дополнителна мотивација за мене. Не треба да се јавувам кај Џерард, максимално сериозно ќе си ја работи работата. Не му се јавив јас, туку веројатно сите останати од клубот го направија тоа“, изјави Клоп и потврди дека Дивок Ориги, златниот џокер на Ливерпул, ќе го напушти клубот.
“Тој е легенда на Ливерпул, еден од најважните играчи со кои сум работел. Очекувам да добие заслужено и посебно збогување. Вистинско задоволство беше да се работи со него каде и да оди ќе биде одличен. Тој е одличен играч, одлично момче. Сите го сакаат во тимот, ќе биде тешко време кога ќе замине“.
„Кога мислам на него, гледам важни голови, повреди, подеми и падови, но тој без сомнение е наша легенда“, додаде германскиот стручњак.