ФУДБАЛ

Клоп претпазлив: Јунајтед е способен да прави извонредни работи

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изјави дека го подготвува тимот за тежок натпревар против Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“.

„Црвените“ во недела ќе играат на „Олд Трафорд“ во дербито од деветтото коло во Премиер лигата. Пол Сколс по натпреварите во европските натпреварувања изјави дека германскиот стручњак сигурно задоволно ги ’триел рацете’ додека го гледал дуелот меѓу „црвените ѓаволи“ и Аталанта.

„Го гледав натпреварот и не ги триев рацете во ниту еден момент. Уште по првото полувреме, бидејќи Јунајтед имаше три одлични шанси. Вториот дел од натпреварот покажа дека овој тим може да ни направи проблем и нам. Го подготвувам тимот за тежок натпревар против многу добар ривал“, изјави Клоп.

Ливерпул во моментов е втор на табелата со 18 бодови, додека Јунајтед е на шестото место со 14.

„Сите знаеме каков е светот на фудбалот. Натпреварот помеѓу Јунајтед и Ливерпул е исклучително важен. Можеби не се задоволни со нивните резултати, но знаеме дека се способни да направат некои извонредни работи. Го видовме и порано. Ќе бидеме фокусирани на нас“.

Тоа ќе биде дуел меѓу Мохамед Салах и Кристијано Роналдо, а на прашањето на новинарите да ги споредат двајцата фудбалери, германскиот стручњак одговори:

„Зошто би ги споредувале? И двајцата се од светска класа. Би рекол дека Мо има подобар удар со левата нога, дека Кристијано можеби е подобар во скокот и дека има посилен удар со десната нога. Кога станува збор за брзината, и двајцата се многу брзи и сакаат да даваат голови. Но, не ме интересира да ги споредувам“.

Неодамна, Оле Гунар Солскјер изјави дека неговиот тим не е казнет поради „коментарите на еден менаџер“. Јасно беше дека мислеше на Клоп, кој минатата сезона го коментираше бројот на удари од белата точка на „црвените ѓаволи“.

„Не би рекол дека влијаеме на судиите на тој начин“, рече Клоп.

Натпреварот помеѓу Јунајтед и Ливерпул е на програмата во недела од 17.30 часот.

ПОВРЗАНО

Премиер Лига