ФУДБАЛ

Клоп за изборот на Златната топка: Не, тоа не беше мој избор, вие сте криви

За Златната топка на денешната прес-конференција зборуваше и менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.

Црвените на Клоп утревечер ги очекува многу тешко гостување на „Гудисон Парк“ против градскиот ривал Евертон, а освен за самиот натпревар, Германецот зборуваше и за моментално најактуелната фудбалска тема.

За потсетување, Лионел Меси ја освои Златната топка синоќа во Париз, иако таа одлука предизвика салво на негодување и многумина сметаат дека Роберт Левандовски тоа го заслужил.

„Меси како Меси, тој секогаш е меѓу најдобрите и не е грешка да му се додели награда, но ако не можеа да му ја дадат Златната топка на Левандовски оваа сезона, тогаш никогаш нема“, рече Клоп.

Еден од присутните новинари го праша Клоп што мисли за тоа што неговиот најдобар играч Мохамед Салах заврши на седмото место на најдобрите играчи во светот за изминатата година.

„Искрено, бев изненаден, но тоа не беше мој избор. Мислам дека новинарите гласаат, така што вината е ваша, ваша и ваша. Треба да ги убедите вашите колеги во поинаков избор ако мислите дека Салах заслужил поголема позиција од седмата“, истакна Клоп.

Во секој случај, има многу критики за Франс Фудбал и самата селекција откако беше објавено дека Меси по седми пат ја освои Златната топка, а Левандовски доби „фиктивна“ награда наречена „најдобар напаѓач на светот“ за утеха.

На крајот на краиштата, зарем и Меси не е напаѓач? Како тогаш тој е најдобар играч на светот, ако Левандовски е подобар напаѓач од него? Франс Фудбал можеби знае што е трикот…