Натпреварите во Премиер лигата кои требаше да се играат овој викенд се откажани поради смртта на кралицата Елизабета Втора.
Сепак, натпреварите кои клубовите од Англија ќе ги играат во европските натпреварувања нема да бидат одложени, туку ќе се играат редовно.
Тотенхем направи голема грешка бидејќи на 48 часа пред почетокот на мечот со Спортинг објави дека натпреварот нема да се одигра.
После тоа, клубот им се извини на своите навивачи, и соопшти дека е во прашање техничка грешка.
„Мораме да потврдиме дека се оди според планираното. Натпреварот ќе се одигра. Во моментов истражуваме како настанал проблемот и им се извинуваме на нашите навивачи“, се вели во соопштението на Тотенхем.
Некои навивачи ги откажаа летовите за Лисабон иако купија билети, а сега бараат од клубот да им помогне.
Утре во Португалија, Тотенхем треба да има поддршка од околу две илјади навивачи, а билетите чинат 34 фунти.
Да потсетиме, во првото коло од Лигата на шампионите, Тотенхем на домашен терен беше подобар од Марсеј, а двата гола во победата ги постигна Ричарлисон.