На вториот ден од Светското првенство во фудбал во Катар, многумина забележаа дека натпреварите имаат невообичаено долги продолженија во споредба со вообичаените.
Така, на натпреварот меѓу Англија и Иран, судиското обештетување траеше десетина минути при резултат 6:1 (6:2 на крајот), а слични ситуации имаше и на други натпревари.
Претседателот на Судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, објасни зошто е започната построга примена на таа практика.
„Во Русија веќе почнавме со попрецизно мерење на продолжението и на сите сега им порачавме да не се чудат кога ќе го видат четвртиот судија со голема цифра за продолжението. Без разлика дали се шест, седум или осум минути. Ако сакате да имате поголема минутажа, потребна ви е поголемо профолжение“, рече Колина и понатаму објасни:
„Размислете малку. Ако видовме три гола, а прославата трае минута и пол, веќе загубивме пет минути. Сакаме да бидеме доследни, па дури и да е вклучен ВАР, сè е пресметано на прецизен начин“.
Интересно, двете полувремиња меѓу Англија и Иран, и вторите полувремиња од мечевите САД – Велс и Сенегал – Холандија, беа полувремињата со најдолго судиско продолжение во историјата на светските првенства.