ФУДБАЛ

Колку ќе заработува Нејмар во Сантос: Платата на Бразилецот изненади многумина

Бразилскиот ас Нејмар (32) официјално се врати во Сантос, клубот во кој ја започна професионалната кариера, а сега се знае и колку ќе заработи. Нејмар потпиша шестмесечен договор со Сантос откако спогодбено го раскина договорот со Саудиски Ал-Хилал каде заработуваше астрономски 155 милиони евра годишно.

Сега во Сантос ќе добива плата од 161.500 евра месечно, пишува Де Примеира, кој додава дека многумина биле изненадени од новата плата на Бразилецот. Договорот е и посебен затоа што поранешната ѕвезда на Барселона ќе задржи 90 отсто од правата за имиџ, што му овозможува да заработува значително повеќе од основната плата.

Станува збор за модел на договор кој потсетува на неговиот претходен престој во Сантос од 2010 до 2013 година, кога месечно заработуваше основни 48.400 евра. Меѓутоа, благодарение на маркетиншките права, тогаш вкупната заработка била околу 533.000 евра месечно. Инаку, времето на Нејмар во Ал-Хилал го одбележаа низа повреди кои го ограничија на само седум настапи и еден гол во текот на 17 месеци.