Репрезентацијата на Хрватска вчера го освои третиот медал на Светското првенство, а вториот бронзен, откако го совлада Мароко со 2:1 во борбата за третото место на Светското првенство во Катар.
Покрај тоа што го задржа местото во светскиот врв, хрватската репрезентација си обезбеди и голема финансиска добивка.
Имено, како третопласирана селекција Хрватска доби 25 милиони евра според правилата на ФИФА , но се постави прашањето колку од тоа ќе добијат самите фудбалери.
Овие средства ФИФА ќе ги проследи до Хрватската федерација, а како што пренесува локалниот „Индекс“, со играчите и стручниот штаб договорена е поделба на наградата во корист на Федерацијата во 60:40. Затоа ХНС ќе инкасира околу 15 милиони, а играчите и стручниот штаб заедно околу 10 милиони евра.
Дополнително, договорена е и распределбата на парите меѓу играчите и членовите на стручниот штаб, а овој пат соодносот ќе биде 80:20 во корист на играчите, односно осум милиони ќе одат кај играчите, а два милиони ќе бидат го сподели стручниот штаб предводен од тренерот Златко Далиќ.