Францускиот репрезентативец Кингсли Коман е свесен дека постои можност Светското првенство во Катар да биде прво и последно во неговата кариера.
Коман во досегашниот дел од кариерата имаше големи проблеми со повредите и затоа го пропушти претходното Светско првенство во Русија, кога триколорите стигнаа до светската круна. Фудбалерот на Баерн е реален за шансите да биде меѓу патниците за следниот шампионат по Катар, кој е на програмата во 2026 година, доколку повторно се најде на списокот на француската репрезентација.
„Светското првенство во Катар е исклучително важно за мене – можеби е прво и последно во мојата кариера, никогаш не се знае што ќе се случи во светот на фудбалот. Сега имам 26 години, се надевам дека ќе се чувствувам подобро за четири години. Сега не сум во оптимална физичка кондиција“, изјави крилниот напаѓач и додаде:
„Ако Франција повторно игра без крила, тоа може да биде голем проблем за мене – ако селекторот одлучил да игра со крилни бекови, двајца напаѓачи и офанзивен играч за врска. Позгодно би ми било да играм во формација 4-3-3“.
Коман за репрезентацијата играше 39 пати, а за триколорите дебитираше на крајот на 2015 година. Беше дел од тимот на Дидие Дешам, кој беше поразен од Португалија во финалето на Европското првенство во 2016 година.
Во случај селекторот на Франција да се реши за понепогодна формација за фудбалерот на Баерн, може да се случи Коман поголемиот дел од времето за време на Мундијалот да го помине на клупата за резерви. Сепак, во претходниот период се размислуваше за неговата улога на десен крилен бек, бидејќи актуелниот светски шампион во фудбал нема идеално решение за таа позиција.
📸 La 𝐏𝐡𝐨𝐭𝐨 𝐨𝐟𝐟𝐢𝐜𝐢𝐞𝐥𝐥𝐞 de l’Équipe de France pour la Coupe du Monde 2022 🇫🇷#FiersdetreBleus pic.twitter.com/FXULv55W9g
— Equipe de France ⭐⭐ (@equipedefrance) November 15, 2022
Франција е во групата Д со Данска, Тунис и Австралија. Во првиот натпревар на Светското првенство во Катар ќе се сретне со Австралија. Тој натпревар е закажан за следниот вторник од 20 часот.