Италијанскиот стручњак Антонио Конте демантираше дека ќе ја преземе функцијата тренер на Наполи, во случај челниците на италијанскиот шампион да го заменат Руди Гарсија поради серијата лоши резултати.
„Слушам упорни трансфер гласини кои ме поврзуваат со различни клубови, но повторувам, мојата единствена желба е да се одморам и да уживам со моето семејство“, напиша Конте на Инстаграм.
Конте е без клуб од минатата година, кога доби отказ од менаџерот на Тотенхем. Пред тоа ги водеше Челзи, Јувентус, Интер, Сиена, Аталанта, Бари и Арецо, а селектор на Италија беше од 2014 до 2016 година.
Претходните денови медиумите пишуваа дека Французинот Гарсија ќе биде сменет како тренер на Наполи, но тоа не се случи.
Наполи претрпе два порази на домашен терен, од Реал во Лигата на шампионите и Фиорентина во Серија А. По осум одиграни кола, шампионот на Италија има седум бода помалку од лидерот Милан.
