За прв пат во историјата на нашата земја нема да заврши една ракометна сезона. РФМ одлучи да го прекине натпреварувањето во сите конкуренции, откако претседателот на државата Стево Пендаровски, а на препорака на владата прогласи нова 30-дневна вонредна состојба на целата територија.
-Земајќи ја во предвид прогласената вонредна состојба во државата како и продолжувањето на истата заклучно со 15.05.2020 година, дополнително и самиот факт дека поголемиот број договори на ракометарите/ките со клубовите имаат валидност заклучно до 31.05.2020 година како и насоките од Европската Ракометна Федерација за завршување на националниот систем на натпревари до 31.05.2020 година, се наметнува заклучокот дека моменталната состојба не дозволува и не постојат реални услови за регуларно завршување на домашното првенството.
За сезоната 2019/2020 година ќе биде доставен предлог до УО на РФМ да нема прогласување на победник во националниот систем на натпревари во сите конкуренции и категории, истиот предлог ќе биде доставен и за Куп на Македонија 2020 година.
Местата во Европските клубски натпреварувања во ЕХФ и местата во регионалната Сеха Лига ќе бидат распределени согласно критериуми од страна на УО на РФМ, се вели во известувањето од РФМ.