Манчестер Сити го комплетираше својот тим за втората полусезона, како и за годините што следат, со четвртото засилување во последните моменти од преодниот рок.
По Абдукодир Хусанов, Витор Реис и Омар Мармуш, шпанскиот играч за врска Нико Гонзалес (23) доцна синоќа стана нов играч на Манчестер Сити. Сити за 60 милиони евра го донесе Гонзалес од Порто, со што дополнително се зацврсти секоја позиција во тимот на Пеп Гвардиола. Хусанов и Реис се млади дефанзивци, Мармуш е напаѓач, а сега е доведен и перспективен играч за врска. Гонзалес ја започна својата кариера доаѓајќи низ познатата Ла Масија, младинската академија на Барселона. Брзо напредуваше во првиот тим, каде што забележа 37 настапи. Потоа од 2023 година играше за Валенсија и Порто.
“Ова е одлична можност за мене во оваа фаза од мојата кариера. Имам 23 години и сакам да се тестирам во Англија. Нема подобар клуб од Манчестер Сити за тоа”, изјави Гонзалес по потпишувањето на договорот. Шпанецот е особено возбуден поради можноста да работи со Пеп Гвардиола.
Сити соопшти дека го донеле бидејќи сакаат да го подмладат средниот ред на тимот и дека Гонзалес е насочено засилување. Иако е централен играч од средниот ред, Гонзалес постигна пет гола и додаде четири асистенции на 17 натпревари оваа година, што покажува дека е многу разновиден и дека сака да учествува во последните фази од нападот.
