Раководството на шпанската Ла Лига по завршувањето на зимскиот преоден рок најави нови лимити за плати на шпанските клубови, а повторно најлошо помина Барселона. Само пред една година Барселона за плати можеше да потроши 648 милиони евра, летово се намали на 270 милиони, а од вчера е само 204 милиони. Барселона со години има големи финансиски проблеми, па се очекуваше овој пад на буџетските лимити за плати. Но навивачите на Барселона се бесни пред се затоа што Реал Мадрид може да потроши половина милијарда повеќе за плати. Буџетот за плати на Реал не е променет во однос на почетокот на сезоната и изнесува 727 милиони евра.

Пред Барселона во можноста за трошење пари е Атлетико Мадрид чија граница е зголемена од 296 на 303 милиони евра. Жирона за плати може да потроши само 52 милиони евра, а најмалку Алавес (31 милион). Правилата на шпанската лига во однос на буџетските лимити на платите велат дека Барселона може да потроши повеќе пари доколку ги зголеми приходите, а 50 отсто од тие приходи може да се трошат на плати, па на челниците на Барса им претстои ново лето полно со грижи и математика.
