Поранешната македонска ракометарка, која беше дел од најуспешните моменти на македонскиот женски ракомет, Валентина Радуловиќ е едно од четирите лица против кои МВР поднесе кривична пријава поради злоупотреба при вадење на лични документи. Таа од 2008-а година е пензионирана ракометарка, а во моментов работи како наставничка.
Како што соопшти МВР, Одделот за внатрешна контрола при МВР поднесе кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал против двајца полицајци – М.С. и П.П., наставничката В.Р. и еден пожарникар А.С..
Според истрагата на МВР, во периодот од февруари до април 2024 година, групата работела по однапред утврден договор. Наставничката и пожарникарот наводно наоѓале „клиенти“ на кои им биле потребни документи по брза постапка и ги собирале нивните податоци.
Радуловиќ се огласи на социјалните мрежи демантирајќи ги овие наводи.
-Мојата пријателска ургенција кон пријател за пријател не ни можев да замислам дека ќе биде злоупотребена во овој контекст за вакво нешто за што читам дека сум инволвирана, и доколку навистина има таква постапка со мое инволвирање ќе ја докажам пред било која институција, порача Радулковиќ.
Валентина Радуловиќ беше капитен на Кометал ЃП и на македонската репрезентација, а се пензионираше во 2008-м година. Таа учествуваше на шест Светски и Европски првенства со македонската репрезентација, а освои и две титули во Лигата на шампионите со данскиот Слагелсе. Покрај тоа, Радуловиќ има освоено бројни домашни првенствени трофеи во Македонија, Австрија и Данска. Со повеќе од 200 настапи за репрезентацијата, Радуловиќ е една од најдобрите ракометарки кои ги имала Македонија.
