Медиумите во Шпанија ги објавија сензационалните вести за евентуалното враќање на Андрес Иниеста во Барселона.
Иниеста од летото 2018 настапува во Јапонија за Висел Кобе. Тој има постигнато 10 голови и забележа 13 асистенции досега, а со одличните игри, меѓу другото, стана и капитен.
За игрите на Иниеста во Висел Кобе пишува и„ Diario Sport“. Овој весник наведува дека Иниеста сè уште не размислува да стави крај на кариерата, а со оглед на формата не е невозможно да се врати во Барселона и да му помогне на неговиот поранешен клуб, кој има проблеми во средниот ред.
„Мојата намера е да продолжам да играм. Сакам да ги почувствувам тие моменти повторно со топката и тревата“, рече Иниеста.
Во јануари, Иниеста рече дека нема да му пречи да се врати на „Камп Ноу“, бидејќи, како што рече, тоа е негов дом и ќе игра таму во кое било време.
Пред да замине за Јапонија, Иниеста ја помина целата своја кариера во Барселона и освои вкупно 32 трофеи со каталонскиот тим, вклучувајќи и четири во Лигата на шампионите.