ФУДБАЛ

Левандовски „пресече“, се знае во кој клуб сака да оди

Полскиот напаѓач Роберт Левандовски ова лето очигледно би можел да го напушти Баерн Минхен.

Левандовски веќе неколку сезони е најдобар играч на Баерн и навистина е во животна форма, но веќе некое време се шпекулира дека Полјакот сака нов предизвик во кариерата.

32-годишниот напаѓач ја одби понудата на Баерн за продолжување на договорот и е решен да го напушти клубот ова лето. Левандовски има договор до летото 2023 година, а се надева дека Баерн ќе го продаде за следната година да не си замине како слободен играч.

 

Веќе некое време на големо се зборува дека Левандовски сака да тргне по патот на Шпанија и наводно неговата желба е кариерата да ја продолжи во дресот на Барселона која е многу заинтересирана за него.

 

Според „Билд“, тој наводно им рекол на челниците на Баерн дека нема намера да го продолжи договорот и дека едноставно му треба нов предизвик во кариерата бидејќи верува дека поминал доволно време во Минхен.

 

Каталонскиот Спорт утринава објави дека Левандовски веќе „пресекол“ и ја започнал акцијата и дека на секој начин се обидува да ги убеди челниците на Баерн да го продадат ова лето и да му излезат во пресрет.

 

Спорт наведува дека Левандовски веќе договорил се со Барселона и дека сега единствено прашање ќе биде цената која Баерн ќе ја одреди за неговиот трансфер. Наводно, Барса би требало да издвои околу 35 милиони евра доколку сака да го донесе Полјакот.