ФУДБАЛ

Левандовски се враќа во Минхен, Нагелсман веќе знае како ќе го пречека

Вчера беше извршена ждрепката за групната фаза од Лигата на шампионите.

Најинтересна е групата Ц, во која се Баерн, Барселона, Интер и Плзен, а со тоа Роберт Левандовски ќе се врати во Минхен, каде што мина осум сезони.

Трансфер сагата со Полјакот беше една од најдолгите и најкоментираните во летниот преоден рок.

Левандовски реши да го напушти баварскиот клуб иако имаше уште една година од договорот. Тој цврсто одлучи да се пресели во Барселона и тоа на крајот се случи.

За подготвеноста да си замине тој зборуваше директно на прес-конференцијата пред натпреварите на репрезентацијата и во интервјуа. Челниците на Баерн не сакаа да го пуштат, барем не за парите кои Барселона ги понуди на почетокот.

Се дојде до таму што германските медиуми почнаа да пишуваат за „војната“ во Баерн. Како прво, гласовите кои го критикуваат Левандовски почнаа се почесто да се појавуваат во медиумите. Полјакот беше жестоко критикуван за однесувањето кон Баерн, а малкумина излегоа во негова одбрана.

И на фановите им е преку глава од оваа долгогодишна сага.

“Роберт Левандовски е неверојатно неблагодарен. Во последните години многупати флертуваше со други клубови, Баерн секогаш замижуваше, а сега се обидуваше да го добие и Ерлинг Халанд бидејќи и тој треба да размислува за иднината, а Левандовски е навреден. Без Баерн, не би бил фудбалер од светска класа. Исто така, не се грижи за навивачите и никогаш не ги спомнува“, напиша во јуни баварскиот фан клуб „Куге Аделжаузен“.

На крајот Лева потпиша за Барселона и веќе постигна два гола. Каталонците добија ѕвезда, а Баерн одлично се снаоѓа и без Левандовски. Сепак, Полјакот наскоро ќе се врати на Алијанц Арената како играч на противничката екипа.

Како ќе го пречекаат навивачите на Баерн по се што се случуваше во последните месеци? Тоа беше прашањето за тренерот Јулијан Нагелсман на прес-конференцијата во пресрет на првенствениот натпревар на Баерн.

“Мислам дека ќе има аплауз. Мислам дека никогаш не е добро кога некој е исвиркан. Не ја знам целата вистина, а навивачите знаат уште помалку. Секогаш има друга страна на паричката, работите се преувеличуваат и погрешно се толкуваат. Тоа е фудбал“, одговори тренерот.

Со оглед на тоа што Светското првенство се игра во ноември и декември, групната фаза ќе се одвива со забрзано темпо, од 6 септември до 2 ноември.