Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација Луис Енрике денеска изјави дека на претстојниот натпревар против Јапонија на Светското првенство во Катар размислуваат само за победа.
„Ние сме во групата на смртта. Во моментов сме први во групата, да, но секој од четирите тима има шанса да се пласира (во осминафиналето). Немаме намера да ризикуваме ништо“, изјави Енрике.
Во четврток од 20 часот во последното коло од групата Е ќе играат селекциите на Јапонија и Шпанија. На Шпанија и е доволен и нерешен резултат за да се пласира во осминафиналето, додека на Јапонија и е потребна победа.
Енрике изјави дека меѓу 26-те играчи кои ги однесе на првенството има и осум напаѓачи, за кои вели дека се на извонредно физичко ниво.
„Летаат буквално. Би сакал да можам да им дадам минутажа на сите осум напаѓачи, тие ги заслужуваат, но нема место за сите… Од 26, сигурно ќе има барем еден кој ќе го заврши првенството без играње ни минута“, рече шпанскиот тренер.
Зборувајќи за јапонскиот тим, Енрике потсети дека со нив играле лани во полуфиналето на Олимписките игри и дека тој меч го добиле во последните минути од продолжението.
„Имаат многу играчи кои играат во Европа, Германија и Шпанија. Тие се многу брзи, многу динамични и „напорни“ во смисла дека не ви оставаат време да размислите и да го направите вистинскиот потег“, изјави тој.
Енрике истакна дека многу му се допаѓа средниот ред на Јапонија и ги издвои Такефус Куба и Такуми Минамит.
„Тоа ќе биде добар тест за нас. Очекувам тежок натпревар. Мислам дека ќе доминираме во играта, дека ќе ја поседуваме топката, но дека ќе биде отворен натпревар“, изјави селекторот на Шпанија.
Јапонија во првите две кола ја победи Германија (2:1) и загуби од Костарика (0:1), додека Шпанија во првиот меч ја победи Костарика (7:0) и ремизираше со Германците (1:1).