Напаѓачот на Наполи, Ромелу Лукаку, последниве денови ги проживува најтешките моменти од својот живот. По смртта на неговиот татко, Роже Менаме Лукаку, белгискиот фудбалер јавно изнесе потресни обвинувања, тврдејќи дека нему и на неговиот брат Џордан не им било дозволено да го погребаат својот татко во Европа, а сега е откриена и позадината на настанот.
„Нашиот татко почина на 28 септември и како браќа се обидовме со сите сили да го вратиме неговото тело во Европа, но чувствуваме дека нè уценуваат“, напиша Лукаку на Инстаграм.
Тој додаде дека семејството ја планирало погребната церемонија за во петок, но властите во Киншаса, главниот град на Демократска Република Конго, одлучиле дека погребот мора да се одржи таму.
Белгискиот Het Laatste Nieuws (HLN) објави нови детали за овој тажен случај. Според нивните информации, конфликтот настанал затоа што подалечни роднини на браќата Лукаку во Конго се обиделе финансиски да ја искористат ситуацијата.
Ромелу, како што се наведува, веќе уплатил „повеќе од дарежлива сума пари“ на локалната заедница со цел на традиционален начин да се простат од неговиот татко. Сепак, иако постоел договор за пренос на телото во Белгија, членовите на заедницата го промениле ставот и побарале дополнителни средства.
Кога Ромелу и Џордан одбиле да платат повеќекратно поголем износ од претходно договорениот, локалните власти решиле телото да остане во Конго, каде што ќе биде и погребано.
Така, според пишувањето на белгиските медиуми, тагата на семејството Лукаку дополнително се продлабочила – наместо мирно да се простат од својот татко, станале жртви на алчност и притисоци.
Да потсетиме, Роже Менама Лукаку, поранешен репрезентативец на Демократска Република Конго, почина кон крајот на септември.
Лукаку, пак, во средината на август се повреди во мускулот на бутот и го пропушти почетокот на сезоната, а се очекува надвор од терените да биде барем уште еден месец.
