Дамјан Гацов на 22 години е официјално именуван за помошник-тренер на универзитетскиот кошаркарски тим на Универзитетот „Стентон“ во Лос Анџелес. Со тоа тој станува најмладиот Мaкедонец што некогаш бил дел од стручен штаб на еден американски универзитетски тим.
Гацов е трета година студент на спортски менаџмент и бизнис-администрација, студии преку кои го комбинира своето кошаркарско искуство со академско знаење. Универзитетот, како што велат од таму, ги препозна неговиот потенцијал и работната етика и реши да му даде шанса во професионалниот тренерски тим, што ретко се случува со студенти на оваа возраст.
Неговото рано вклучување во тренерскиот свет се смета за голем чекор напред, особено затоа што американските универзитетски програми важат за една од најконкурентните спортски средини во светот.
Од Универзитетот „Стентон“ за МИА велат дека неговата работна етика и енергијата биле пресудни за изборот и дека очекуваат неговата младост и европското знаење да донесат нов дух во тимот.
– Го следиме неговиот развој веќе подолго време. Има исклучителна кошаркарска интелигенција и исклучителен пристап кон играта, но и менталитет што одговара на нашата филозофија. Иако е млад, неговата посветеност и способноста да комуницира со играчите се на највисоко ниво – истакна главниот тренер на Универзитетот „Стентон“ , Мајкл Акуна.
Поддршка и задоволство од неговиот успех искажа и неговиот тренер од КК „Вардар“, Никола Данев.
– Дамјан имаше карактер на победник и беше упорен за докажување на теренот. Имаше добар шут за три поени. Помина неколку успешни сезони во нашиот клуб, каде што ни донесе и неколку трофеи. Задоволство за мене е кога ќе се слушне дека Дамјан Гацов се вклопил во еден од најдобрите кошаркарски системи во светот – вели за МИА неговиот поранешен тренер од „Вардар“.
Според Гацов, овој успех претставува силен поттик за сите млади спортисти во Македонија – доказ дека посветеноста, трудот и храброста да се чекори напред може да донесат резултати на светско ниво.
– Ова за мене е огромна чест и одговорност. Доаѓам од мала земја, но со големи соништа. Сакам да покажам дека македонските тренери и играчи може да бидат конкурентни на највисоко ниво. Им благодарам на сите што веруваа во мене – ова е само почеток – изјави Гацов.
ПРЕВЗЕМЕНО ОД МИА
