ФУДБАЛ

Македонската фудбалерка за интересот на Јувентус: Чувството е прекрасно, ќе видиме, родителите и менаџерот се грижат околу се!

Младата македонска фудбалерка Меланија Грозданова која настапува за ЖФК Љуботен во иднина може да ја продолжи фудбалската кариера во италијанскиот фудбалски гигант Јувентус. Интересот за 16-годишна фудбалерка се смета дека е поради нејзиното стандардно место во првиот тим на репрезентацијата, пласманот во А-дивизија со У-19 како и значајната ефикасност со осум голови досега за ЖФК Љуботен и 12 погодоци претходната сезона за ЖФК Истатов.

– Јувентус е еден голем клуб на светско ниво, Италија е одлична држава, многу ми се допаѓа. Да бидам под нивна „лупа“ и „таргет“ на Јувентус за мене е мотив плус за да работам и тренирам уште повеќе, мојот фокус е на тоа. Моите родители заедно со мојот менаџер Дарко Мариќ (ДМ Менаџмент) се грижат околу сè останато. Ќе видиме, чувството е прекрасно, изјави Меланија Грозданова на прашањата од Македонската информативна агенција.

За Меланија пишува и Руди Галети, италијански спортски новинар со фокус на трансферите во овој спорт. Тој во текст посветен на Меланија вели дека нејзиниот напредок е толку импресивен што многумина ја гледаат како најголемото чудо од дете што го има произведено нејзината земја.

Девојката која на 27 декември ќе наполни 17 години, со фудбал почнала да се занимава во фудбалската Школа „Кул“, каде што до нејзината 13 година тренирала и играла со момчиња и била единственото девојче во детската лига на Македонија. Следуваат две години во ЖФК Скопје и минатата сезона во ЖФК Истатов, по што од годинава е дел од шампионскиот тим на тетовски ЖФК Љуботен.