Македонската репрезентација до 21 година денеска ги продолжува подготовките за квалификацискиот натпревар против Србија за пласман на Европското првенство 2019 година. На денешниот тренининг се приклучија Давор Здравковски и Филип Илиќ.
Репрезентативците Ремзифаик Селмани и Петар Петковски сметаат дека доколку сите го дадат максимумот, може да се дојде до нови бодови.
– Ова е нов и сосема поинаков натпревар од првиот во квалификациите против Ерменија. Србија е многу силна репрезентација и еден од фаворитите во нашата група. Ние повторно треба да бидеме силно мотивирани, добро да ги одработиме подготовките и да се надеваме на нов успех. Ќе направиме се што можеме одново да ги израдуваме навивачите и да останеме на првото место во групата, изјави Петковски за сајтот на ФФМ.
Селмани задоволен од стартот на квалификацискиот циклус, посакува така да се продолжи.
– Одлично ги започнавме квалификациите, но Србија е вистински предизвик. Имаат неколкумина фудбалери кои настапија и на ЕП во Полска, сигурно ќе бараат добар резултат и во Скопје, но јас се надевам дека многу од работите ќе зависат и од нас. Верувам дека можеме до нов позитивен резултат, вели Селмани.
Натпреварот Македонија – Србија ќе се игра на 6 октомври (петок) на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.