Тренерот на италијанската репрезентација Роберто Манчини уште еднаш одговори на прашањата од новинарите за неговиот миленик, денес напаѓачот на Бреша, Марио Балотели.
Манчини беше тренер на Балотели во Интер и во Манчестер Сити, па тој сигурно го познава многу подобро од многу други кои имаа можност да соработуваат со непослушниот Италијанец.
Бреша е моментално последен на табелата во Серија А, а на „Ластовиците“ не им помогна ниту доаѓањето на Балотели. Прашањето е, дали и кога Балотели ќе добие нова можност во националниот тим?
„Поради квалитетите што ги имаше и сè уште ги има, Марио е меѓу најдобрите напаѓачи во светот. Но, тоа не е доволно“, изјави Манчини за „Sky Sport Italia“, продолжувајќи:
„Тој не направи многу работи во Бреша оваа година и тој сам го знае тоа. Тој се надева дека повторно ќе биде како Марио од Сити или од Еуро 2012 … Вратите на националниот тим се отворени за сите“.
Манчини тогаш рече дека Италија има за цел да ја освои Лигата на нации и Европското првенство, кое е одложено за следното лето.
„Задоволен сум од репрезентацијата, иако не се собравме веќе некое време. Ќе се обидеме да бидеме добри и целта е да ја освоиме Лигата на нации и Европското првенство“, рече Манчини.