Неколку дена пред почетокот на ЕУРО, репрезентацијата на Белгија го претрпе можеби најголемиот можен удар.
Нивниот играч за врска и главен плејмејкер на тимот, Кевин Де Брујн, претрпе незгодна повреда во финалето на Лигата на шампионите минатата сабота.
Белгиецот имаше незгоден судир со Антонио Рудигер за време на мечот со Челзи, од кој го извлече подебелиот крај.
Фановите со неверување гледаа како нивниот репрезентативец го напушта мечот со помош на медицински лица, прашувајќи се дали Де Брујн ќе биде подготвен за Европското првенство. Селекторот на белгиската репрезентација ја отстрани дилемата.
“Она што можам со сигурност да го кажам е дека Кевин нема да биде подготвен за нашиот прв натпревар на ЕУРО. Ќе морам да му најдам достојна замена во тимот. Подоцна на турнирот, ако игра, ќе носи заштитна маска на неговото лице. Ќе знаеме повеќе следната недела дали ќе биде подготвен за другите натпревари. Сега е најважно да го оставиме да се одмори и да се подготви за турнирот”, изјави Роберт Мартинез.
Првопласираната репрезентација на светот ќе го започне својот настап на Европското првенство на 12 јуни со натпревар против Русија во Санти Петербург, по што ќе се натпреварува со Данска и Финска во групата Б.