Српскиот фудбалер Немања Матиќ смета дека Кристијано Роналдо и Лионел Меси се најдобри играчи на сите времиња.
За време на својата богата кариера, Матиќ имаше можност да игра против едниот и другиот, па има право да го искаже своето мислење за квалитетот на овие двајца.
Тој смета дека се најдобрите што светот го видел досега.
„Не знам кој е подобар од двајцата, но тие се најдобри во историјата на фудбалот. Ако го прашате мојот син, тој ќе каже Роналдо”, вели Матиќ за „Омниспорт“, додавајќи:
„За последните 15 години тие беа незаменливи. Некои би гласале за Меси, некои за Роналдо, но за мене тие се на исто ниво”.
Тој, исто така, се осврна на нивните карактеристики.
„Тие се различни. Роналдо има талент, но повеќето негови успеси се резултат на интензивна работа. Исто така, Меси има талент, можеби поголем, но не велам дека не работи. Очигледно, неговиот принцип работи навистина добро”, додаде Србинот.
Потсетете се дека Меси во својата кариера освои шест Златни топки, додека Роналдо има еден помалку.