Реал Мадрид не успеа да го доведе Килијан Мбапе во своите редови.
По неколку месеци сага, 23-годишниот фудбалер реши да остане во ПСЖ со кој потпиша нов тригодишен договор според кој ќе стане најплатениот фудбалер во светот.
За Реал, Мбапе веднаш стана минато. Раководството на кралевите на чело со искусниот лисец Флорентино Перез веднаш тргна во потрага по други играчи кои би можеле да го засилат тимот, а како нов играч на тимот од Мадрид се споменува германскиот репрезентативец Серж Гнабри.
26-годишниот фудбалер има уште една година договор со Баерн. Преговорите за продолжување не одат баш најдобро и Германецот е подготвен да го напушти клубот.
Реал покажува сериозен интерес за Гнабри. Сепак, тој се уште не контактирал со Баерн за потенцијален трансфер и засега не се преземени конкретни чекори.
Според германските медиуми, шансите за останување и заминување се 50-50. Гнабри го чека расплетот на ситуацијата во Минхен и наскоро се би можело да се знае.
Серж Гнабри потпиша за Баерн во 2017 година. По една година позајмица во Хофенхајм, тој се врати во Минхен и покажа дека е навистина неверојатен фудбалер.
Вкупно овој крилен напаѓач одигра 171 натпревар за баварскиот гигант и постигна 63 гола.
Германскиот репрезентативец покрај за Баерн и Хофенхајм настапуваше и за Вердер, ВБА и Арсенал.