Ова лето, во еден од најбомбастичните трансфери досега, Килијан Мбапе стана фудбалер на Реал Мадрид, каде пристигна како слободен играч по истекот на договорот со Пари Сен Жермен, но засега не му цветаат рози на Сантијаго Бернабеу. Четири натпревари го чекаше Мбапе да дебитира во дресот на кралскиот клуб, по што влезе во препознатлива форма, но следеше повреда на мускулот поради која го пропушти октомврискиот репрезентативен собир.
Тренерот на триколорите, Дидие Дешамп го изостави Мбапе од списокот кој го објави вчера, а тој рече дека тоа е негова одлука и дека не сака да разговара за тоа. Ваквата одлука на Дешам дојде во екот на критиките дека Мбапе страда поради непрепознатливо слабите игри во дресот на Реал, каде Карло Анчелоти го користи на позицијата „деветка“, односно најистурениот напаѓач, каде минува низ очигледно тежок период на адаптација.
Критиките кон Французинот доаѓаат од сите страни, а ги искажа и легендарниот Тиери Анри кој порача дека Мбапе мора да научи да игра како „деветка“.
-Белингем е тој кој повеќе делува како број 9, трча и се обидува да го натера тимот да игра. Мбапе никогаш не трча. Тој не е доволно добар. Една од работите за која се зборуваше е како Анчелоти ќе го балансира тимот, а Родриго моментално дава рамнотежа на тимот“, рече Анри.
Како што пишува „Мундо Депортиво“, Мбапе ја отвори душата за најблиските и семејството и порача дека не е задоволен од развојот на настаните во Реал, а тоа најмногу се однесува на тактичките преференции на тренерот Анчелоти.
На Мбапе не му се допаѓа позицијата на која игра и тоа што повеќе не се врти околу него како што беше случајот во ПСЖ. Мбапе е навикнат да работи целиот тим за него во Париз, што не е случај во Реал и 25-годишниот фудбалер сега минува низ тешки времиња.
Се обиде да го посоветува и Карим Бензема, кој му порача на Мбапе дека не смее да се откаже, а исто така утврди дека Мбапе не е класична „деветка“ и дека не се снаоѓа добро во Франција кога игра на таа позиција.
