ФУДБАЛ

Мбапе: Среќен сум да трчам додека Меси „шета“ низ теренот

Килијан Мбапе пред неколку дена призна дека сака да го напушти ПСЖ ова лето и да се пресели во Реал Мадрид.

Мбапе даде интервју за француската РМЦ и откри дека побарал трансфер ова лето со цел ПСЖ да заработи пари бидејќи нема план да го напушти клубот без надомест на крајот на оваа сезона.

“Барав да го напуштам клубот ова лето бидејќи не сакав да го продолжам договорот и мислев дека клубот може да заработи добро и да донесе замена за мене. Не ми се допаѓа она што тие го рекоа дека побарав да си заминам на крајот на август затоа што направија да се чувствувам како крадец“, рече Мбапе и додаде.

“ПСЖ е клуб кој ми даде многу. Секогаш сум бил среќен и се уште сум среќен во овој клуб. Го објавив моето заминување доволно рано за клубот да може да се подготви и да најде замена. Луѓето велат дека ја одбив понудата шест или седум пати за нов договор, но тоа не е вистина. Веднаш реков дека сакам да одам и бев искрен од самиот почеток. Направив се доволно рано за клубот да може да се подготви за моето заминување”.

Во интервјуто, Мбапе зборуваше и за Лионел Меси, кој дојде во ПСЖ ова лето, откако не го продолжи договорот со Барселона. Францускиот напаѓач призна дека не можел ни да замисли дека тоа ќе се случи.

“Не можев ни да замислам дека Меси доаѓа тука. Тој е еден од ретките играчи за кои мислев дека е невозможно да играме заедно. Верувам дека тој не сакаше да ја напушти Барселона”, вели Мбапе и продолжува.

“Се обидувам во секое време да гледам што прави и е голема привилегија да играм во ист тим. Нема проблем и хиерархијата во клубот е позната. Среќен сум што трчам додека Меси “шета” на теренот. Тоа не е проблем бидејќи тоа е Меси”.