ФУДБАЛ

Меси го повлече тимот од теренот на „Маракана“: „Можна беше трагедија“

Големиот натпревар помеѓу Аргентина и Бразил на „Маракана“ во Рио де Жанеиро во квалификациите за Светското првенство во 2026 година го одбележаа судири меѓу полицијата и приврзаниците на гостинската репрезентација. Настана голема гужва при која капитенот Лео Меси реши да го повлече тимот од теренот.

Меси изјави дека тимот морал да го напушти теренот за да се смири ситуацијата, иако меѓу навивачите биле и нивните семејства.

„Видовме дека полицијата на трибините ги тепа навивачите со палки. На трибините беа и семејствата на нашите фудбалери. Се повлековме во соблекувалната, бидејќи сакавме да ја смириме ситуацијата. Не можевме многу да направиме Гледавме како полицијата удира луѓе. Можеше да се случи трагедија. Нашите играчи се прашуваа како се нивните семејства“, изјави Меси по натпреварот.

„Гаучосите“ успеаја да се фокусираат на натпреварот, каде фудбалот беше во втор план.

„Повеќе бевме фокусирани на навивачите на трибините отколку на играта. Тоа падна во втор план и беше помалку важно во тој момент“, додаде Меси, кој беше заменет во 78. минута.

Никола Отаменди и донесе победа на Аргентина со својот гол во 63. минута.

Аргентина е прва на табелата со 15 бодови, додека Уругвај е втор со 13.