Фудбалерите на ПСЖ вечерва гостуваат кај Бенфика во третото коло од групната фаза на Лигата на шампионите.
Парижаните се секако меѓу главните фаворити за освојување на Лигата на шампионите оваа сезона, а сигурно ќе се сметаат за голем неуспех во францускиот клуб доколку не успеат конечно да го освојат тој трофеј.
По две кола ПСЖ има максимални шест бода, исто како и вечерашниот противник Бенфика, која сезонава брилјира и во Лигата на шампионите.
Бенфика во последното коло во Торино го шокираше Јувентус со 2:1 и сигурно е дека фудбалерите на португалскиот клуб ќе дадат се од себе вечерва во Лисабон да ја запрат машината на ПСЖ.
Јасно е дека најголемата закана ќе дојде од неверојатниот напад на ПСЖ бидејќи вечерва од првата минута се очекува да играат Лионел Меси, Нејмар и Килијан Мбапе.
Пред вечерашната пресметка помеѓу Бенфика и ПСЖ, токму Меси се најде во центарот на вниманието на фудбалската јавност поради видеото кое синоќа се појави на социјалните мрежи и кое изненади многумина.
Поради ривалството меѓу Меси и Кристијано Роналдо, се очекува Аргентинецот вечерва да не биде дочекан со овации на стадионот, но видеото кое се појави синоќа покажува дека Меси навистина има свои фанови и во Португалија.
Група негови навивачи синоќа се собраа пред хотелот во кој е сместен ПСЖ, а сите дојдоа само по Меси и го извикуваа неговото име, а видеото изненади многумина бидејќи малкумина очекуваа дека ќе биде пречекан на таков начин во „Роналдо земја“.
Fans outside of a hotel in Lisbon, Portugal awaiting Lionel Messi. Chants of "Messi". This via @le_Parisien_PSG.pic.twitter.com/0silgo4zfe
— Roy Nemer (@RoyNemer) October 4, 2022
Мора да се признае дека Роналдо го нема баш истиот статус како Меси бидејќи Португалецот често е исвиркуван кога гостува некаде со некој клуб или репрезентација, што понекогаш му пречеше.
Сигурно би било интересно да се види како CR ќе реагира кога ќе го види лудилото создадено надвор од хотелот во Лисабон поради неговиот досега најголем ривал.
За потсетување, натпреварот помеѓу Бенфика и ПСЖ се игра вечерва од 21:00 часот.