Француски Лекип пишува дека фудбалерот на Пари Сен Жермен и капитен на аргентинската репрезентација Лионел Меси би можел да му се приклучи на клубот дури на почетокот на следната година.
Меси неодамна го освои Светското првенство во Катар со репрезентацијата на Аргентина. Потоа тој и неговите соиграчи беа пречекани од навивачите во Буенос Аирес, славејќи ја титулата светски првак.
Раководството на француски Пари Сен Жермен наводно му порачало на Меси да се одмори пред да продолжи сезоната.
Лекип се обиде да добие информација од шефот на францускиот шампион кога аргентинскиот фудбалер ќе се врати во Париз. Но, новинарите добија одговор дека никој не знае кога Меси ќе се приклучи на тренинзите на францускиот шампион.
Францускиот весник тврди дека е невообичаено Пари Сен Жермен да не знае кога нивниот најдобар играч ќе се врати во клубот, бидејќи се очекуваше Аргентинецот да биде во Париз до крајот на годината. Нивните извори тврдат дека никој не би бил изненаден доколку Меси се појави во Париз дури на почетокот на следната година.
Меси сигурно нема да игра на натпреварот помеѓу ПСЖ и Стразбур кој е закажан за 28 декември, како и на дуелот против Ленс кој е закажан за три дена подоцна.
Аргентинецот најверојатно ќе го пропушти натпреварот против нисколигашот Шатере во Купот на Франција, кој ќе се игра на 6 јануари следната година. Реално е дека Меси ќе се врати во тимот на ПСЖ дури на 11 јануари за натпреварот против Анже, кој ќе се игра во Париз, тврди Лекип.