ФУДБАЛ

Месут Озил за „мали пари“ купува клуб во Турција?

Фудбалерот на Фенербахче, Масут Озил дојде до интересна бизнис идеја.

Според германски „БИЛД“, поранешниот германски репрезентативец планира да го купи ФК Корум, кој се натпреварува во третиот ранг на турскиот фудбал.

Клубот е основан во 2015 година, а амбициите оваа сезона се пласман во втората лига и засега не им оди толку лошо, со оглед на тоа што по 19 кола се на 6-та позиција со 34 бодови, исто колку и петтиот Сивас Беледије.

Да потсетиме, првопласираните ќе остварат директен пласман во повисок ранг, додека екипите од второто до петтото место ќе играат плеј-оф.

Што се однесува до купувањето на овој клуб од страна на Озил, сегашниот сопственик наводно сака 20 милиони турски лири, што е некаде околу милион и триста илјади евра и таа сума не би требало да биде проблем за Озил.

Со купувањето на клубот, Озил би тргнал по стапките на својот поранешен соиграч од Реал Мадрид, Марсело, кој неодамна го купи португалскиот второлигаш Мафра, а претходно беше сопственик на бразилскиот нисколигаш Азуриз.

За потсетување, Озил од јануари 2021 година е член на Фенербахче каде пристигна од Арсенал, а оваа сезона на 20 натпревари во сите натпреварувања постигна осум гола и додаде две асистенции за великаните од Истанбул.