По победата против Црна Гора на гостински терен, македонската репрезентација до 21 година има максимални шест бодови по две кола во групата од квалификациите за Европското првенство 2021. Селекторот Благоја Милевски и капитенот Јани Атанасов не криејќи го задоволството по триумфот во Подгорица, велат дека оваа генерација мора да напредува на секои следен дуел и да ја продолжи низата победи.
– Честитки за фудбалерите, честитки за фудбалерите. Посакувам само да продолжи да не краси овој пристап. Момците максимално сериозно влегоа во натпреварот и успеавме да ја оствариме целта. Имаме уште многу работи за поправање во играта, но добро е што победуваме и кога има одредени недостатоци во играта. Тоа ќе се обидеме да го поправиме на следните натпревари. Овој дуел во Подгорица го забораваме и уште вечерва се концентрираме на домашниот натпревар против Казахстан, изјави Благоја Милевски.
– Како капитен на репрезентацијата сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи за победата вечерва против Црна Гора. Навистина одигравме храбар натпревар и среќни сме што успеавме да го свртиме резултатот во наша корист. Дадов два гола, но за мене тоа не е толку важно. Битно е дека како тим бевме подготвени, ја сакавме победата и мора да продолжиме во истиот правец. Се надевам дека ќе растеме во секој поглед на следните дуели од квалификациите, изјави Јани Атанасов.
