ФУДБАЛ

Мислеа дека лесно ќе го продадат, а тој стана нивниот најголем кошмар

Барселона летово ќе се обиде да продаде неколку првотимци за да направи простор за нови засилувања.

Јасно е дека каталонскиот клуб го очекуваат големи промени во однос на играчкиот кадар, а Чави Ернандез веќе отпиша десетина првотимци и им порача да почнат да бараат нов клуб.

На списокот на отпишаните се најде и данскиот напаѓач Мартин Брејтвајт, кој поради тешка повреда го пропушти најголемиот дел од минатата сезона.

 

Иако се опорави пред четири месеци, не играше речиси ниту една минута, што беше јасен показател дека Чави не смета на него и дека целта на Барселона е што поскоро да го продаде.

Барса има неколку понуди за него од Шпанија и Англија и во клубот веруваа дека Брејтвајт лесно ќе си замине, но погрешија. Данецот одбива да го напушти клубот и е решен да остане до крајот на договорот.

 

“Имам уште две години договор со Барселона и не ми паѓа на памет да размислувам за напуштање на клубот пред истекот на договорот. Во професионалниот фудбал се е можно, но јас сум прилично смирен бидејќи многу добро знам што сакам”. рече Брејтвајт..

 

“Ќе работам напорно за време на подготовките за новата сезона за да се обидам да се наметнам кај тренерот. На некои работи не можам да влијаам. Ќе видиме што ќе се случи на крајот”.

 

30-годишниот фудбалер дојде во Барса во февруари 2020 година од Леганес за 18 милиони евра, што беше голема сензација за сите. Но, се покажа дека тогашните лидери направија уште еден неуспех во низа со засилувања, а сега останува на Жоан Лапорти да се обиде да се ослободи од нив.

 

Брејтвајт има договор до летото 2024 година и плата која тешко ќе му ја даде еден клуб повторно, а јасно е зошто не сака да ја напушти Барселона. Сезонава одигра само четири натпревари и постигна два гола.