Лука Модриќ добива се поголема доверба од Карло Анчелоти во Реал и сите фанови на кралскиот клуб чекаат вести дали хрватскиот магионичар ќе остане во главниот град на Шпанија. 38-годишниот Модриќ на почетокот на сезоната не добиваше голема минутажа и неговата улога во Реал беше спорадична.
Сепак, како што сезоната се приближува кон крајот и како што доаѓаат се поважни натпревари, Модриќ игра се поважна улога во тимот, а тоа може да значи само едно – дека Лука ќе го продолжи договорот со Реал на уште една сезона, иако ниту тој, ниту клубот не даваат никакви информации поврзани со нивното евентуално продолжување на соработката.
Сепак, дури и Реал да не му понуди нов договор, Модриќ веќе има подготвен „план Б“. Интерес за Модриќ веќе пројавија клубови од Динамо, Интер Мајами, Целје и Саудиска Арабија, но тој сака да продолжи да игра во Лигата на шампионите, а тоа ќе му биде понудено во случај да замине од Реал.
Имено, италијанскиот TuttoMercato тврди дека Јувентус е заинтересиран да го доведе Модриќ и ќе му понуди договор во случај да замине од Реал. Јувентус е познат по тоа што сака искусни играчи и не се откажува така лесно од нив, па Модриќ сигурно би добил соодветна минутажа и можност да игра за друг европски гигант во Лигата на шампионите.
