ФУДБАЛ

„Моите деца навиваат за Португалија, морам да им кажам дека тато им игра за Белгија“

Португалија и Белгија ќе се сретнат во осминафиналето на Европското првенство.

Двете репрезентации имаат голем број врвни фудбалери и огромни амбиции на ЕУРО, но едната ќе мора прерано да се збогува со турнирот.

Искусниот белгиски дефанзивец и стопер на Бенфика, Јан Вертонген е во Португалија веќе една година. Тој тврди дека неговите деца започнале да ја поддржуваат Португалија …

“Моите деца се на училиште во Лисабон и таму, како и сите други, мораат да ја бодрат репрезентацијата на Португалија. Морам да им објаснам дека тато им ќе игра против Португалија. Мислам дека тие не разбраа добро”, рече Вертонген.

За 34-годишниот поранешен играч на Тотенхем, дуелот со Португалија е посебен.

“Го одиграв мојот прв и стоти натпревар со Белгија против Португалија. Се чини дека таа нација е заедничката нишка во мојата кариера. Ова ќе биде посебна игра за мене”.

“Очигледно е дека го познавам ривалот подобро од некои други од Белгија затоа што поминав една година во Португалија. За мене, овој натпревар ќе биде попосебен од моите соиграчи”.

Тој беше полн со пофални зборови за Португалија. “Тие имаат одлични играчи со години, предводени од Роналдо. Нивните играчи играат во најголемите лиги и клубови и освојуваат титули. Тоа е врвен тим што е изграден со текот на времето. Што се однесува до Португалија, таа е фантастична земја со топли луѓе. За неколку месеци создадов голем број пријателства “, додаде тој.

Белгија и Португалија ќе се сретнат во недела од 21 часот, а ова ќе биде 130-ти натпревар на Вертонген во дресот на Белгија во Севиља. Победникот од овој дуел во четвртфиналето ќе се сретне со Италија, која синоќа ја победи Австрија по продолженијата.