Македонскиот олимписки комитет (MOK) во соработка со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), на 30 Март 2018 година ќе ја започне Олимписката обука за напреден спортски менаџмент – шеста генерација.
МОК смета дека оваа обука е основа и еден од главните фактори за постигнување на врвните спортски резултати на најдобрите македонски спортисти.
– Станува збор за многу обемна и квалитетна едукативна програма која претставува теоретско – практична платформа за унапредување на работата во рамките на Олимписките спортски организации (ОСО) во кои спаѓаат спортистите, тренерите, судиите, спортските клубови, НСФ-ии, спортските медиуми, Меѓународните спортски федерации, Националните олимписки комитети, ИОК, Организационите комитети на спортските настани, државните институции, информираат од МОК.
Програмата на обуката во потполност е диктирана од страна на ИОК, а е осмислена во соработка со повеќе од 150 светски признати научници и експерти од спортскиот менаџмент.
Македонскиот олимписки комитет се надева дека националните спортски федерации ќе предложат кандидати со цел да ја искористат шансата која ја нуди овој значаен проект за развојот и унапредување на работата на спортскиот систем во Македонија.