Најдобриот играч на Пари Сен Жермен, Лионел Меси ги одложува преговорите со францускиот шампион за продолжување на договорот, бидејќи аргентинскиот интернационалец чека понуда од Барселона, тврди Мундо депортиво.
Меси во ПСЖ пристигна од Барселона во 2021 година, а има договор со парискиот клуб до крајот на сезоната. Аргентинскиот фудбалер претходно најави дека по Светското првенство во Катар ќе соопшти каде ќе ја продолжи кариерата, но се уште нема донесено конечна одлука.
„Меси повеќе би сакал да се врати во Барселона. Тој чека понуда од каталонскиот клуб, која се уште не пристигнала. Барселона го сака Меси назад, но засега не може да испрати конкретна понуда поради финансиски проблеми. Раководството на каталонскиот клуб преговара со спонзори, со што би се овозможило враќање на Меси, а во исто време, Барселона би го избегнала прекршувањето на правилата на финансискиот фер-плеј“, пишува Мундо депортиво.
Меси (35) беше член на Барселона од 2000 до 2021 година, а со каталонскиот клуб освои 34 трофеи. За тимот од Ноу Камп одигра 778 натпревари и постигна 672 гола.
