Жозе Мурињо бележи многу добри резултати откако дојде во Рома, а минатата сезона со овој клуб успеа да ја освои и Конференциската лига испишувајќи историја.
Имено, Мурињо стана единствениот тренер кој во кариерата успеал да ги освои Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига, што доволно говори за тоа каков стручњак е тој.
Неговото доаѓање во Рома за многумина беше изненадување, но јасно е дека за Мурињо тоа е предизвикот што му беше потребен.
Рома и на почетокот на оваа сезона бележи одлични резултати и моментално е на самиот врв на табелата во Серија А, а Волчицата покажува дека целта сезонава најмалку ќе биде да обезбеди пласман во Лигата на шампионите.
Мурињо одамна им покажа на сите дека моментално е еден од најдобрите тренери во светот, а доволно е да се каже дека во досегашната кариера успеал да освои дури 26 трофеи со кои ретко кој може да се пофали.
Тој ја потресе Европа со одлични резултати со Порто, со кој ја освои Лигата на шампионите и Купот на УЕФА, а подоцна раководеше со Челзи, Интер, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед и Тотенхем.
И покрај сите оние клубови со кои водеше големи битки додека ги тренираше, Мурињо изјави дека најтешкиот натпревар што го имал додека бил на клупата на Порто бил натпреварот против Селтик.
Мурињо изјави дека Селтик му бил најтешкиот противник во кариерата, а потоа Порто успеа да го победи шкотскиот клуб со 3:2 во финалето на Купот на УЕФА и да ја освои титулата во ова натпреварување во 2003 година. Само една година подоцна Порто стана шампион на Европа.
„Тоа финале против Селтик не беше најголема победа или најголема радост, но поради интензитетот и се останато тоа беше најдобриот натпревар во мојата кариера. Кога заврши помислив „конечно заврши и јас сум мртов“. Никогаш повеќе не сум доживеал таков интензитет и стрес во кариерата“, рече Мурињо и додаде.
„После одиграв три европски финалиња, две во Лигата на шампионите и освоив многу титули и имав многу неверојатни натпревари, но во однос на интензитетот, стресот, емоциите до крајни граници и се останато, тој меч против Селтик ги победува сите тие други натпревари. Тоа беше најтешкиот натпревар и противник во неговата кариера“.
Порто и Селтик одиграа навистина неверојатен натпревар во Севиља. По регуларниот дел резултатот беше 2:2, а потоа во 115. минута Дерлеи погоди за 3:2 и голема победа на Порто, која ги најави неверојатните резултати на овој клуб на европската сцена.