Наполи во недела ја пречекува Рома во дербито од 20. коло на Серија А, а тренерот на Вучица Жозе Мурињо веќе му ја „додели“ титулата шампион на противникот.
Наполи е лидер во Серија А со 10 бода повеќе од второпласираниот Интер, со натпревар помалку. Додека Рома заостанува 13 бода. Избраниците на Луќан Спалети не победија само на три натпревари во претходните 19 кола и затоа не е надвор од логика изјавата на Мурињо пред големото дерби на југот на Италија.
– Велам Наполи веќе го освои Скудетото и тоа сосема заслужено. Затоа, им честитам. Тие се одличен тим, со одличен тренер. Имаат 10 бода предност, никој не може да ги исплаши. Скудетото е нивно – изјави Мурињо .
Сепак, тоа не значи дека Рома на стадионот Диего Армандо Марадона доаѓа со бело знаме. Тоа не постои во португалскиот јазик.
– Ако ме прашате дали ќе се засолниме од нив, категорично велам „не“, ќе одиме таму по резултат. Но, тоа не го менува фактот дека тие веќе го освоија Скудетото.
