Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром попладне ќе му гостува на Арис во Солун во контролен натпревар во пресрет на стартот на новата сезона.
– МЗТ Скопје Аеродром во Солун патува без македонскиот репрезентативец Адем Мекиќ, кој има поситна повреда и од превентивни причини остана во Скопје, соопштија од клубот.
Ова ќе биде шести натпревар за „сино-белите“ кои под водство на новиот тренер Александар Тодоров во подготвителниот период имаат две победи (Бакиркој спорт и Левски), два порази (Бујукчемече и Цибона) и еден затворен меч против Лукоил Академик на кој не беше воден резултат.
Противникот на „сино-белите“ од клупата е предводен од легендарниот Панајотис Јанакис.
Почетокот на дуелот во Солун е закажан за 17 часот.