Екипата на МЗТ Скопје Аеродром во продолжението на сезоната ќе има уште една опција во играта под кошевите, откако беше официјализиран договорот со српскиот кошаркар кој има и словенечки пасош, Бојан Радуловиќ (27 год., 211 см).
Станува збор за центар со искуство од најсилната АБА-лига, во која настапуваше прво со Металац Ваљево, а потоа и две сезони со Унион Олимпија и во која одигра вкупно 45 натпревари. Тој во Аеродром доаѓа од словенечкиот прволигаш Тајфун од Шентјур, каде што на седум средби сезонава имаше просек од 9,4 поени и 6,9 скока.
Радуловиќ кариерата ја почнал во тимот на Спартак од родната Суботица, по што има играно за Електра Шоштањ, Олимпија во два наврати по три сезони, Хелиос, Шкофја Лока и Копер Приморска. Лани, со „змајчеки“ од Љубљана беше шампион на Словенија.