ФУДБАЛ

На Барселона и се заканува исфрлање од лигата. Лапорта: Ова не е случајно

Шпанското државно правобранителство ја истражува компанијата „ДАСНИЛ 95“ во сопственост на Хозе Енрикез Негреира, долгогодишен шпански судија и потпретседател на техничката комисија на Ла Лига, на чија сметка Барселона уплатила вкупно 1,4 милиони евра во три наврати од 2016 година до 2018 година.

Негреира ја напушти техничката комисија во 2018 година, а непосредно пред заминувањето ја доби последната уплата од Барселона. Пред истражниот суд сведочеа неколку поранешни челници на Барселона, како и сопствениците на компанијата. Негреира не ги пријавил гореспоменатите плаќања од Барселона до даночната управа, а наведува дека тоа не го сторил затоа што само им „давал консултантски услуги“.

Наводно, советите се однесуваат на тоа како играчите треба да се однесуваат кон судиите во однос на правилата на судиската комисија, а Барселона веднаш по објавувањето на резултатите од истрагата соопшти дека во минатото користела услуги на надворешен консултант кој главно ги анализирал судиите за помладите категории.

Подоцна, се наведува, „клубот ја прошири соработката со технички извештаи поврзани со професионалното судење со цел да се добие увид во информациите по барање на стручниот штаб на првиот тим, што е вообичаена практика во професионалните клубови“.

Поранешниот претседател на Барса, Жозеп Бартомеу, кој беше на чело на клубот во спорниот период, изјави дека клубот плаќал пари на компанијата на Негреира од 2003 година, кога прв човек на клубот бил актуелниот претседател Жоан Лапорта.

Скандалот изби во момент кога Барселона има 11 бодови пред Реал Мадрид на првото место на табелата и е на многу добар пат да ја освои првата титула по 2019 година. Доколку бидат осудени, на Барселона и се заканува одземање бодови и во најлош случај исфрлање од лигата, пишуваат шпанските медиуми.

„Не негирам дека Барселона користела и платила за советодавни услуги поврзани со судењето, што е пракса во сите големи клубови. Ние веќе не го правиме тоа бидејќи сега имаме такви советници во клубот“, изјави Жоан Лапорта и додаде:

„Мора да знаете дека оваа приказна не излезе случајно во моментов кога ни оди многу добро. Не е случајно. Клубот ќе направи се за да го заштити својот интегритет и углед, а ние соодветно ќе реагираме на секој обид за клевета и искривување на вистината ќе реагираме на соодветен начин“.

ПОВРЗАНО

Ла Лига