Манчестер Јунајтед пред неколку дена и официјално потврди дека Ралф Рангник на клупата ќе го наследи сегашниот тренер на Ајакс, Ерик тен Хаг.
Медиумите веднаш почнаа да шпекулираат кога 52-годишниот Холанѓанец првпат ќе биде доведен на „Олд Трафорд“, а La Repubblica објавува дека тоа ќе биде 23-годишниот напаѓач на Наполи, Виктор Осимен.
Тој пристигна во Наполи летото 2020 година, кога Италијанците за неговите услуги на Лил му платија над 75 милиони евра. Нигерискиот напаѓач успеа доста брзо да се адаптира и стана најважниот играч во нападот на тимот.
Неговата импресивна фигура и извонредната брзина го заинтересираа Арсенал за евентуален трансфер, но сумата потребна за да го донесе кај „топчиите“ беше преголема.
Според италијанските медиуми, Наполи сака да добие најмалку 100 милиони евра за Виктор Осимен, во спротивно не сака да ја прекине соработката со 23-годишниот напаѓач.
Манчестер Јунајтед е подготвен да понуди нешто повеќе од 100 милиони евра за Осимен, а во средата имало средба помеѓу играчот, неговиот агент и Де Лаурентис, предводникот на Наполи, на која се разговарало за иднината на фудбалерот од Нигерија.
Нигериецот постигна 16 гола и додаде пет асистенции за Наполи во 28 натпревари оваа сезона и ќе биде интересно да се види како ќе се снајде во Премиер лигата, дали трансферот навистина се реализира.